Центарот за младински активизам КРИК објавува повик за ангажирање консултант/ка за подготовка на практична инклузивна програма за младински центри и младински работници, во рамки на проектот „Младински центри за сите“.
Програмата ќе биде развиена врз основа на наодите од мапирањето на потребите на младинските центри и лицата со попреченост, со цел да понуди конкретни насоки, алатки и примери за тоа како младинските центри можат да ги направат своите активности подостапни, поинклузивни и поприлагодени за млади со попреченост.
Проектот „Младински центри за сите“ се спроведува од Центарот за младински активизам КРИК, со поддршка од Младински сојуз - Крушево, а е финансиран од Европската Унија во рамки на програмата „Посилни гласови за подобри избори - Младински хаб за Западен Балкан и Турција“.
Целта на проектот е да ги зајакне младинските центри како инклузивни и пристапни простори за сите млади, со посебен фокус на младите со попреченост. Проектот вклучува мапирање на потребите, развој на инклузивна програма, обука на младински работници и активности за застапување и подигнување на јавната свест.
Инклузивната програма треба да служи како практичен водич за младинските центри и младинските работници за планирање, адаптација и реализација на активности во кои активно ќе можат да се вклучат млади со попреченост.
Програмата треба да опфати теми како:
адаптација на физички и дигитални простори за поголема пристапност;
инклузивна комуникација и користење едноставен и разбирлив јазик;
партиципативни пристапи кои го вреднуваат гласот на младите со попреченост;
методи за мапирање на потребите во локалната заедница;
препознавање на бариери за учество;
адаптација на младински активности според различни потреби;
соработка помеѓу младински центри, дневни центри, организации и локални институции;
примери, шаблони и алатки кои младинските работници ќе можат директно да ги користат во секојдневната работа.
Дополнително, програмата треба да биде практична, разбирлива и применлива во различни локални контексти. Таа треба да им помогне на младинските работници да идентификуваат бариери, да креираат решенија и да развиваат активности кои се прилагодени на реалните потреби на младите во нивните заедници.
По финализирањето, програмата ќе биде споделена со младинските центри вклучени во проектот, но и пошироко на национално ниво, со цел да може да се користи од младински центри и младински работници низ Северна Македонија.
Избраниот консултант/ка или тим на консултанти/ки ќе биде одговорен/на за:
преглед на наодите од мапирањето на потребите;
подготовка на структура и методологија за инклузивната програма;
развој на практична програма/водич за младински центри и младински работници;
подготовка на алатки, шаблони и работни материјали;
вклучување теми поврзани со пристапност, инклузивна комуникација, партиципација и локално мапирање;
координација со тимот на КРИК;
финализирање на програмата врз основа на добиени коментари и препораки.
Од ангажманот се очекува да бидат подготвени:
финална инклузивна програма за младински центри и младински работници;
практични алатки и шаблони за секојдневна примена;
насоки за адаптација на младински активности;
препораки за соработка меѓу младинските центри и дневните центри;
краток финален извештај за процесот на подготовка.
Кандидатите треба да поседуваат:
искуство во развој на програми, прирачници, водичи или методологии;
искуство во младинска работа и/или неформално образование;
искуство или добро познавање на работа со лица со попреченост;
познавање на инклузивни и партиципативни пристапи;
разбирање на потребите на младинските центри и младинските работници;
способност за подготовка на практични, јасни и применливи материјали;
искуство во работа со граѓански организации, социјални услуги или локални институции ќе се смета за предност.
За реализација на ангажманот е предвиден хонорар согласно проектниот буџет и договорот со избраниот консултант/ка или тим на консултанти/ки.
Надоместокот ја опфаќа подготовката на програмата, развојот на алатки и шаблони, консултациите со проектниот тим и финализирањето на документот.
Заинтересираните кандидат(к)и треба да испратат апликација најдоцна до 1 јуни, 2026 до employmentkrik@gmail.com, со назнака: Апликација – Консултант/ка за инклузивна програма
Апликацијата треба да содржи:
кратка биографија / CV;
краток предлог за методологија за подготовка на инклузивната програма;
финансиска понуда;
пример од претходно изработен сличен документ, доколку кандидатот/ката има таков.
Апликациите ќе бидат разгледани од селекциска комисија составена од претставници на КРИК.
Кандидатите ќе се оценуваат врз основа на:
релевантно образование и искуство;
претходно искуство во развој на програми, методологии или практични алатки;
познавање на младинска работа и инклузија;
искуство во работа со лица со попреченост;
квалитет и применливост на предложената методологија;
финансиска понуда.
По потреба, кандидатите може да бидат поканети на кратко интервју.
Доколку сакате да придонесете кон развој на младински центри кои се пристапни, инклузивни и отворени за сите млади, ве охрабруваме да се пријавите.
Ве очекуваме!
Центар за младински активизам КРИК