Принт Колектив е повеќе од обично студио за печатење. Тоа претставува социјално претпријатие каде лицата со попреченост добиваат можност за вработување, изразување на креативноста и создавање производи со врвен квалитет.
Тимот на Принт Колектив е составен од талентирани поединци кои со голема посветеност и професионалност испорачуваат персонализирани решенија. Компанијата нуди печатење на маички, шолји, капи и различни видови промотивни материјали, со индивидуален пристап, конкурентни цени и брза изработка.
Главната мисија на Принт Колектив е да ја разбие стигмата дека лицата со попреченост не можат да создаваат производи со висок квалитет. Со секој изработен производ, тие го докажуваат спротивното.
Принт Колектив е иницијатива на Центарот за Младински Активизам Крик, развиена како дел од проектот „Испринтај ја инклузијата,“ спроведен од ИРИС ПРОГРЕС со поддршка од IRIS Network и финансиска помош од Европската Унија.
Во рамките на проектот, реализирани се бројни активности, вклучувајќи истражување на пазарот, посета на печатници кои вработуваат лица со попреченост, професионална обука и набавка на висококвалитетна опрема за професионален печат.
Од формирањето, Принт Колектив се стреми да им овозможи на своите клиенти да остават свој личен печат преку долготрајни персонализирани производи. Истовремено, иницијативата има за цел да придонесе кон социјална инклузија на лицата со попреченост на локално и национално ниво.