Центарот за младински активизам КРИК објавува повик за ангажирање двајца обучувач/ка за подготовка и реализација на тродневна обука за младински работници, во рамки на проектот „Младински центри за сите“.
Обуката е насочена кон зајакнување на младинските работници за планирање и спроведување инклузивни активности во младинските центри, со посебен фокус на вклучување на млади со попреченост.
Доколку имате искуство во младинска работа, инклузија, работа со лица со попреченост, неформално образование и спроведување обуки – ве охрабруваме да се пријавите и да придонесете кон создавање младински центри кои се отворени и пристапни за сите млади.
Проектот „Младински центри за сите“ се спроведува од Центарот за младински активизам КРИК, со поддршка од Младински сојуз - Крушево, а е финансиран од Европската Унија во рамки на програмата „Посилни гласови за подобри избори - Младински хаб за Западен Балкан и Турција“.
Целта на проектот е да ги зајакне младинските центри како инклузивни и пристапни простори за сите млади, со посебен фокус на младите со попреченост.
Проектот вклучува мапирање на потребите на младинските центри и центрите за лица со попреченост, развој на инклузивна програма, обука на младински работници и активности за застапување и подигнување на јавната свест.
Обуката ќе се одржи во Охрид, во времетраење од 15-18 јули, со учество на 12 младински работници од младински центри од целните региони (Источен, Југозападен, Пелагониски, Југоисточен и Полошки регион).
Фокусот на обуката ќе биде ставен на:
разбирање на инклузивната младинска работа;
работа со млади со различни типови попреченост;
инклузивна комуникација и користење едноставен јазик;
адаптација на младински активности;
работа со мешани групи, млади со и без попреченост;
градење доверба и поддржувачка групна динамика;
соработка помеѓу младински центри, дневни центри и локални чинители;
подготовка на локални акциски планови за инклузивни младински центри;
практична активност со лица со попреченост.
Целта е младинските работници да добијат конкретни алатки, примери и методи кои ќе можат веднаш да ги применат во својата секојдневна работа.
Избраниот обучувач/ка или тим на обучувачи ќе биде одговорен/на за:
подготовка на детална програма и агенда за тридневната обука;
развој на методологија базирана на неформално образование;
подготовка на практични вежби, студии на случај и симулации;
реализација на тридневната обука за младински работници;
поддршка на учесниците во подготовка на локални акциски планови;
подготовка и водење на практична активност со лица со попреченост;
подготовка на краток финален извештај со препораки.
Се очекува обучувачот/ката да примени интерактивен, практичен и инклузивен пристап, кој ќе овозможи активно учество, размена на искуства и учење преку работа.
Кандидатите треба да поседуваат:
искуство во подготовка и спроведување обуки;
искуство во младинска работа и неформално образование;
искуство или добро познавање на работа со лица со попреченост;
познавање на инклузивни и партиципативни пристапи;
способност за работа со групи и фасилитација на интерактивни процеси;
познавање на локалниот контекст на младинските центри ќе се смета за предност;
искуство во подготовка на практични алатки, програми или методологии ќе се смета за предност.
За реализација на ангажманот е предвиден хонорар од 600 евра бруто за тродневната обука за секој избран обучувач.
Надоместокот ја опфаќа подготовката на програмата, реализацијата на тридневната обука, подготовката на материјали и изработката на финалниот извештај.
Заинтересираните кандидат(к)и треба да испратат апликација најдоцна до 7 јули на:
📧 employmentkrik@gmail.com
со назнака: Апликација – Обучувач/ка за младински работници
Апликацијата треба да содржи:
кратка биографија / CV;
краток предлог за методологија за тридневната обука.
Апликациите ќе бидат разгледани од селекциска комисија составена од претставници на КРИК.
Кандидатите ќе се оценуваат врз основа на:
релевантно образование и искуство;
претходно искуство во младинска работа и инклузија;
искуство во работа со лица со попреченост;
квалитет на предложената методологија;
практичност и применливост на предложените активности;
финансиска понуда.
По потреба, кандидатите може да бидат поканети на кратко онлајн интервју.
Доколку сакате да придонесете кон развој на младински центри кои се пристапни, инклузивни и отворени за сите млади, ова е можност да го споделите вашето знаење и искуство.
Ве очекуваме! 💙
Центар за младински активизам КРИК