Центарот за младински активизам КРИК, во партнерство со Македонски Каритас, а во рамки на регионалниот проект CORDIAL – Creating Opportunities Regionally for Disability Inclusion Actions and Legislation, поддржан од Европската Унија, објавува
ЈАВЕН ПОВИК
за учество на дводневна обука „Институции и стратегии како алатки за вклучување на организациите во процесите на носење одлуки“
Датум на одржување: 26 – 27 ноември 2025
Локација: Хотел Манастир, Берово
Проектот CORDIAL – Creating Opportunities Regionally for Disability Inclusion Actions and Legislation има за цел да ја унапреди инклузијата на лицата со попреченост преку градење на капацитетите на граѓанските организации, подобрување на јавните политики и регионална соработка.
Оваа обука е дел од сет на тематски модули во рамки на Capacity Building Program, насочена кон градење знаења и практични вештини во области како застапување, институционални механизми, креирање јавни политики, мониторинг и отчетност.
За темата на обуката
Темата „Институции и стратегии како алатки за вклучување на организациите во процесите на носење одлуки“ е фокусирана на подобро разбирање на начинот на кој функционира јавниот систем, како и можностите за активно учество на граѓанските организации во него.
Преку интерактивни сесии, учесниците ќе работат на следните аспекти:
запознавање со институциите и телата што имаат улога во креирањето политики за лица со попреченост и социјална инклузија (министерства, оддели, комисии, советодавни тела и работни групи);
разбирање на системот на јавни политики – од стратегиско планирање до усвојување и следење;
анализа на постојните стратегии и механизми за учество на граѓански организации во процесите на одлучување;
начини како организациите може да се позиционираат и вклучат во консултативни и застапнички процеси;
примери на добри практики и алатки за комуникација со институции и придонес кон развој на политики.
Обуката ќе биде спроведена со практичен пристап, преку примери, дискусии и работа во групи, со цел учесниците да развијат сопствени идеи за вклучување во процесите на креирање и следење на јавни политики.
Кој може да се пријави?
За учесници можат да се пријават организации кои работат со и за лица со попреченост, како и организации кои застапуваат права на ранливи групи и придонесуваат кон социјална инклузија.
Особено се охрабруваат пријави од:
организации кои работат со млади и жени со попреченост;
организации кои дејствуваат во рурални или помали заедници;
нови или помали организации кои имаат потреба од дополнителна поддршка за вклучување во јавни процеси.
Финансиски услови
Трошоците за сместување, оброци, патување и работни материјали за време на обуката се целосно покриени од страна на организаторот.
Пријавување
Заинтересираните организации и претставници можат да се пријават преку онлајн форма на следниот линк.
Бројот на учесници е ограничен.
Сите пријавени ќе бидат известени по завршување на процесот на селекција.
Повикот ќе биде активен до 14 ноември 2025 година.